Најмалку 12 Индијци загинаа додека служеа во руските вооружени сили, соопшти индиското Министерство за надворешни работи.
Како што е наведено, уште 18 Индијци во моментов служат во руската армија, од кои 16 се водат како „исчезнати“, пренесе Ројтерс.
Индија минатата година откри голема мрежа за трговија со луѓе која ги намами младите мажи со ветувања за работа во Русија, а потоа ги принуди да учествуваат во војната во Украина, наведува агенцијата.
Трговинската размена меѓу Индија и Русија се зголеми по руската инвазија на Украина во 2022 година, што помогна да се ублажи влијанието на западните санкции врз Москва. Индија сега е втор најголем увозник на руска сурова нафта, по Кина. Според статистичките податоци на Министерството за трговија, Индија купила руска нафта во вредност од 46 милијарди долари во последната фискална година.
Текстот Најмалку 12 Индијци загинаа во руските вооружени сили е превземен од МАКФАКС.