Од АМСМ известуваат за активни забрани за тешки товарни возила:
– Гостивар-Маврово-Дебар
– Гостивар-Стража-Кичево
– Пресека
– Плетвар
– Ѓавато
– М.Брод – Прилеп преку планинскиот превој Барбарос
– Делчево – г.п. Делчево
– Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)

Репортерот на „Макфакс“ од терен јавува дека на патот Битола – Прилеп нема траги од интервенција на багери или механизација која би го расчистила снегот.

Состојбата со снегот беше предмет и на партиски препукувања во текот на денот.

Неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ со справување со последиците од снежните врнежи прераснува во закана за безбедноста на граѓаните, велат од СДСМ.

„Снегот предизвика вистински хаос во сообраќајот, не само во населените места, туку и на регионалните патишта и на автопатите. Автопатот „Пријателство“, кај селото Миравци е заледен. Автопатот кон Грција е заледен, и покрај тоа што оваа зима, само досега, државните институции потрошиле 219 милиони денари (3.569.106 евра) за сол и ризла. Најголеми се тендерите на Јавното претпријатие за одржување на патишта „Македонија пат“, кое засега има склучено три двегодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно за сол и ризла. Но, поради неспособноста на надлежните, сообраќајот се одвива отежнато и се зголемува опасноста од незгоди. Пред само неколку дена бројни граѓани со часови беа заглавени во километарски колони во Маврово. Хаос се случи и на патот Тетово – Попова Шапка, каде што патиштата останаа целосно неисчистени. Дополнително, патот до Галичник беше непрооден повеќе од еден месец, оставајќи ги жителите на ова населено место во целосна изолација. Владата на ДПМНЕ и Мицкоски потфрли и со снегот, доведувајќи ги граѓаните во сериозен ризик“, пишува во соопштението на опозициската СДСМ.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„За разлика од минатите години кога снегот беше прилика СДС да краде, сега институциите делуваат. Наспроти голата реторика на СДС и Филипче, еве ги фактите: Битолската подружница има поставено 370м3 сол и ризла, од Тетово – Стража 400м3 сол и ризла, Штип, Берово, Кочани и Делчево 300м3 сол и ризла. Згрозени сме од лешинарската политика на СДС и Венко Филипче. Тие од снежната бура прават политика, што само потврдува дека тонат во сопствената безидејност“, стои во соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.