Американската администрација за храна и лекови на САД (ФДА) го предупреди медицинскиот и лабораторискиот персонал дека генетските мутации на коронавирусот, вклучително и варијантата Б.1.1.7 откриена во Велика Британија, може да доведат до лажно негативни резултати од молекуларниот тест (ПЦР) при тестирање на Ковид-19.

ПЦР тестот е молекуларна постапка заснована врз докажување на присуството на вирусна РНК молекула.

Агенцијата го предупреди персоналот на клиничките лаборатории и давателите на здравствени услуги за можни лажно-негативни резултати од кој било тест за ПЦР и ги повика внимателно да ги разгледаат ваквите резултати во комбинација со клинички опсервации и да го повторат тестот, но со поинаков тест доколку се уште постои сомневање за Ковид-19 .

Лажен негативен резултат може да се појави со кој било ПЦР тест ако мутацијата се случила во дел од неговиот геном што се тестира, предупредува ФДА, додавајќи дека опасноста од такви мутации, сепак, е мала врз влијанието на целокупната точност на тестот.

Агенцијата забележа дека анализата утврдила дека на резултатите од трите тестови за коронавирус одобрени за итна употреба во САД може да влијаат генетски мутации на коронавирусот, но се чини дека тоа влијание не е значајно.

Позаразната варијанта на Ковид-19 што ја погоди Велика Британија е забележана во најмалку пет држави во САД, објави минатата недела директорот на Националниот завод за здравје Френсис Колинс, а научниците во петокот рекоа дека новоразвиената вакцина треба да биде исто толку ефикасна и против новата варијанта на коронавирус.

ФДА смета дека вакцините во моментов лиценцирани за употреба се сепак ефикасни во заштитата од мутирани соеви.