Неконтролираниот шумски пожар близу националниот парк Грампианс, во Австралија, предизвика евакуација на стотици жители. Најверојатно ќе гори уште неколку дена, соопшти денеска Агенцијата за вонредни ситуации на австралиската држава Викторија.

Наредбата веднаш да се напуштат домовите изложени на најголем ризик од пожар сè уште е во сила за местата во близина на пожарот, во и околу Националниот парк Грампианс, кој се наоѓа на околу 241 километар западно од Мелбурн.

Заменик-началникот на пожарникарите Гери Кук изјави дека пожарот зафатил околу 34.000 хектари шума.

Стотици пожарникари, потпомогнати од 25 противпожарни авиони, се борат против пожарот што го предизвика гром во вторникот , објави вчера ABC Australia.