Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски и судијата м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, се сретнаа со амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Н.Е. Михалис Рокас.

На средбата, претседателот на Судот, го информираше амбасадорот на ЕУ за актуелностите, но и за предизвиците со кои се соочува Судот во неговото работење во изминатиот период.

Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски, потенцираше дека императивна заложба на Судот е да го чува Уставот, без разлика на какви било обиди за политизација и етнизација во неговото постапување. Заемна констатација беше дека заштитата на владеењето на правото и правната држава треба да биде врвен приоритет на сите фактори во нашето општество како единствен начин за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот. За таа цел, двајцата соговорници се согласија дека е неопходно да се обезбеди и почитува независноста и самостојноста на Уставниот суд, како впрочем и на целиот правосуден систем, во сите аспекти.

Претседателот на Уставниот суд, се заблагодари за поддршката на Уставниот суд, преку проектот на ЕУ „Strengthened capacities of the Constitutional Court“.

На средбата беше изразена заемна согласност за продолжување на соработката и во наредниот период.