Светските цени на храната пораснаа четврти месец по ред во ноември и сега се највисоки од април 2023 година, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Вредноста на светскиот индекс на цените на храната (FFPI) за ноември изнесува 127,5 поени, што претставува зголемување од 0,5 отсто во однос на октомвриските 126,9 поени, соопшти ФАО.
Резултатот е последица на зголемувањето на вредноста на индексот во категориите растителни масла и млечни производи со истовремено намалување на категориите месо, шеќер и житарки.
Индексот на цените на растителното масло се зголеми за дури 7,5 отсто месечно на 164,1 поен и сега е највисок од јули 2022 година. Меѓународните цени на палминото масло пораснаа шести последователен месец. Просечната вредност на индексот на цените на млечните производи се зголеми за 0,6 отсто месечно на 139,9 поени, особено како резултат на поскапувањето на млекото во прав, путерот и сирењето, пренесува Танјуг.
Наспроти тоа, вредноста на месечниот индекс на цените на месото падна за 0,8 отсто на 118,1 поен, пред се како резултат на падот на цените на свинското месо и живината, како и на вредноста на индексот на цените на шеќерот, за 2,4 отсто на 126,4 поени поради подобрените изгледите за жетва во Бразил.
Во ноември, индексот на цените на житарките во просек изнесуваше 111,4 поени, што е за 2,7 отсто помалку во однос на октомври. Глобалните цени на житарките паднаа од месец во месец поради зголемените залихи од тековната жетва на јужната хемисфера и подобрените услови за жетвата во 2025 година во некои големи земји извознички на северната хемисфера, се додава на веб-страницата на ФАО.
Текстот Светските цени на храната повторно пораснаа и сега се највисоки во последните 19 месеци е превземен од МАКФАКС.