Лидерот на британската војска, адмирал сер Тони Радакин, предупреди дека светот е на работ на трета нуклеарна ера.

Неговата изјава доаѓа во време кога НАТО со голема загриженост ги следи руските закани со нуклеарно оружје, како и нуклеарните програми на Северна Кореја и Иран.

Говорејќи на состанокот на Кралскиот институт за одбранбени студии (РУСИ), Радакин истакна дека глобалната рамнотежа на силите драматично се менува.

„Почетокот на третата нуклеарна ера е пред нас“, рече тој, додавајќи дека ситуацијата сега е посложена од кога било.

Од почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси три години, односите меѓу Москва и НАТО се на најниско ниво од крајот на Студената војна. За време на војната, обележана со брутални конфликти во источна Украина, Кремљ често прибегнуваше кон нуклеарни закани.

Рускиот претседател Владимир Путин ги стави нуклеарните сили во висока готовност веќе на почетокот на инвазијата во 2022 година, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров неколку месеци подоцна предупреди дека ризикот од нуклеарен конфликт е „значаен“.

„Видовме бројни закани со тактичко нуклеарно оружје, големи воени вежби и симулирани напади врз земјите на НАТО – сите со цел да се заплашат и одвратат активностите потребни за зачувување на стабилноста“, рече Радакин. На крајот на октомври, Русија спроведе големи воени вежби кои вклучуваа симулација на нуклеарен контранапад.

Радакин потсети како „првата нуклеарна ера“ беше обележана со трка во вооружување за време на Студената војна, кога САД и Советскиот Сојуз акумулираа огромни залихи на нуклеарно оружје. По Студената војна, „втората нуклеарна ера“ се фокусираше на разоружување.

Меѓутоа, сега, тврди Радакин, се соочуваме со „трета нуклеарна ера“ која е далеку посложена.

„Овој пат е обележан со ширење на нуклеарни технологии, бројни истовремени закани и речиси целосно отсуство на безбедносни механизми кои постоеја во минатото“, истакна адмиралот.

НАТО, кој ги вклучува нуклеарните сили САД, Обединетото Кралство и Франција, и земјите кои се домаќини на американско нуклеарно оружје, продолжува да ги зајакнува своите одбранбени способности. Русија, со најголемиот нуклеарен арсенал во светот, заедно со САД поседува околу 90 проценти од светското нуклеарно оружје.

Покрај Русија, НАТО ги следи растечките нуклеарни капацитети на Кина, додека се верува дека Русија и дава техничка поддршка на Северна Кореја во развојот на нејзините нуклеарни и балистички ракети.

И покрај честите закани од руска страна, Радакин оцени дека е мала можноста за директен руски напад врз Обединетото Кралство или други членки на НАТО.

„Москва знае дека одговорот на НАТО, без разлика дали е конвенционален или нуклеарен, би бил огромен“, заклучил адмиралот.

– Одвраќањето функционира, но мора да остане силно и прилагодено на растечките закани од Русија и пошироко, нагласи Радакин. Во моментов, вели тој, способноста на НАТО да одвраќа и брани останува клучен столб на безбедноста во сè понестабилното глобално опкружување.

Текстот Шефот на британската армија: Започнува третата нуклеарна ера е превземен од МАКФАКС.