Нестабилниот Балкан не е во ничиј интерес и сега Балканот треба да има поголем приоритет отколку што беше случајот за време на првиот мандат на Доналд Трамп, изјави Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност на Доналд Трамп.

„Во вашиот регион имате многу важни надворешни фактори кои се мешаат во внатрешните работи на државата. Ризикот од понатамошна нестабилност е голем, за што придонесува и војната во Украина. Дејствата на администрацијата на Трамп не се гаранција дека таму ќе биде успех, особено што Европската Унија досега беше целосно неуспешна. Она што треба да се потврди е дека нестабилен Балкан не е во ничиј интерес“, изјави Болтон.

Тој посочи дека лидерите на европските земји се нови личности, различни од претходните, како и дека во Европа има бројни предизвици, меѓу кои се изборите во Романија, изборите во Германија кои ќе следат и како што Болтон истакнува: „Макрон е во неволја“.

„Во однос на соработката на Трамп со овие нови лидери, тој смета дека ако има добри лични односи со нив, тоа е од значителна корист, што звучи поедноставено. „Ќе биде неопходно да се соработува со новите европски лидери, што нема да биде лесно “, рече Болтон.

Тој потсети дека Трамп најави воведување царини за европските земји и оцени дека тоа ќе предизвика контрареакција, а тоа отвора можност за предизвикување трговска војна, која може да има значителни економски последици за САД и Европа.

„Трамп посочи дека ќе воведе царини од 10 до 20 отсто за европските земји и 60 отсто за Кина. Тоа може да предизвика војна во меѓународната трговија“, посочи Болтон.

Според него, Ричард Гренел, кој беше избран за американски пратеник во руско-украинската војна, имал аспирации да биде назначен за државен секретар, како искусен дипломат и човек од доверба на Трамп, тој бил пратеник за Балканот и амбасадор во Германија.

„На Трамп ќе му требаат помалку совети во вториот мандат и бидете сигурни дека тој ќе одлучи за ова, како и за сите други клучни позиции. Трамп нема да се потпира на советите на соработниците, туку ќе очекува неговиот персонал да ги спроведе неговите одлуки“, нагласи Болтон.

Тој посочи дека претседателот на Соединетите Американски Држави во заминување Џозеф Бајден може да има значително влијание на две области до крајот на неговиот мандат, а тоа се Украина и Блискиот Исток.

„Договорот со Украина да може да користи софистицирано оружје со долг дострел длабоко на руска територија требаше да биде одобрен пред три години. Сепак, администрацијата на Бајден немаше анализа или стратешки пристап за решавање на овој проблем. Целосната цел на воениот ангажман во Украина би бил обновување на суверенитетот и територијалниот интегритет на таа земја“, рече Болтон.

Тој додаде дека верува оти нема брзо и лесно решение за украинскиот конфликт, како и дека не верува оти Вашингтон ќе му пружи поголема помош на Киев до крајот на мандатот на Бајден.

„Ако Трамп не биде успешен во неговите мировни напори во Украина, тој ќе ја префрли одговорноста за тоа на Зеленски или Путин, не на себе“, рече Болтон, додавајќи дека Трамп всушност сака да стави крај на војните на Блискиот Исток и Украина што е можно поскоро, а тоа можеби имплицира дека тој не е толку загрижен за тоа како ќе завршат овие војни, колку за запирање на конфликтите.

Тој додаде дека во политичките кругови на власта постои мислење дека на американските претседателски избори Иран застана против Трамп, а Русија застана за него.

„Иранците изразуваат загриженост дека Трамп ќе заземе цврст став кон Техеран, додека друга линија на размислување е дека тој нема да биде толку строг кон Иран како во неговиот прв мандат“, рече Болтон.

Тој посочи дека ако војната на Блискиот Исток продолжи, може да се очекуваат посилни санкции против Иран, како и дека се очекува Трамп да воведе санкции за Хутите во Јемен, кои Иран ги снабдува со оружје.

„Целта е да се обезбеди слободна морска пловидба низ Суецкиот канал, кој Хутите го блокираа веќе една година. Решението на ова прашање не треба да се занемари и се верува дека Трамп ќе преземе соодветни мерки. Трамп сака војните да завршат што е можно поскоро“, заклучи Болтон.

Текстот Болтон: Нестабилен Балкан не е во ничиј интерес е превземен од МАКФАКС.