Противпожарните служби, Јужноегејскиот регион и општина Родос остануваат во состојба на подготвеност за справување со проблемите предизвикани од невремето „Бора“. Како што е најавено, наскоро ќе започне процесот на евидентирање на штетата со цел да се обештетат повредените.

Според снимките на АНТ1 направени на островот, реката во Халисос и натаму е надојдена, продолжувајќи ги маките на жителите, чии животи се урнаа пред нивни очи и го изгубија целиот стекнат имот. Според извештајот, на Лимнос не врне дожд во последните неколку часа, а жителите на островот се обидуваат да спасат што можат по разорните поплави.

Вонредна состојба за Родос и Лемнос прогласи генералниот секретар на Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на барање на градоначалникот. На Лемнос е прогласена вонредна состојба во општинските единици Мирина, Ацики и Неа Кутали. Сите училишта низ островот остануваат затворени во вторник.

Поради силните ветрови и врнежите, оштетени се многу инфраструктури, куќи и патишта. Големи количини на врнежи се забележани на Халкидики поради лошото време. Патиштата се претворија во реки, поплавени се бројни куќи и продавници, а некои места целосно покриени со кал.

Главниот пат на Ситонија на повеќе места беше непристапен поради одрони и дрвја кои паднаа на коловозот. Во Торони беа поплавени околу 200 куќи, а противпожарната служба во текот на претходната ноќ спаси 17 лица. Во меѓувреме, мостот кај Торони се урна, поради што сообраќајот беше запрен, а возачите мораа да го заобиколат полуостровот.

Маж чиј идентитет не е соопштен починал во Ситонија, Халкидики, откако неговиот автомобил влетал во канал и останал таму со часови, човекот бил беспомошен, а на крајот починал од хипотермија, јавуваат грчките медиуми.

Несреќниот маж, кој е една од трите регистрирани жртви на невремето „Бора“ што ја зафати Грција, прогласен е за починат утринава кога бил пренесен во болница, јавува Parapolitika.gr.

Локален жител го пронашол човекот жив. Како што изјави тој, човекот му кажал дека автомобилот се излизгал и излетал од патот. Мештанинот го однел дома, но бидејќи несреќникот се чувствувал лошо повикал брза помош. Подоцна мажот починал од хипотермија на пат кон болницата.

Текстот (Видео) Драматични сцени во Грција по силното невреме: на неколку места е прогласена вонредна состојба е превземен од МАКФАКС.