Украинска делегација, предводена од министерот за одбрана Рустем Умеров, оваа недела ја посети Јужна Кореја за да побара воена помош за потребите на Киев во војната со Русија, јавуваат медиумите.

Делегацијата се состана со јужнокорејскиот советник за национална безбедност Шин Вон-сик за да разменат мислења за конфликтот во Украина, објави весникот „ДонгА Илбо“, без да наведе извор.

Исто така, South China Morning Post оваа недела објави дека украинска делегација планира да ја посети Јужна Кореја за да побара воена помош, цитирајќи информиран извор, пишува Ројтерс.

На прашањето за овие извештаи, официјален претставник од кабинетот на претседателот Џун одби да ги потврди. Портпаролот на Министерството за одбрана на Јужна Кореја, исто така, не го потврди доаѓањето на украинската делегација за време на редовниот брифинг во вторникот.

Во интервју за јужнокорејската телевизија КБС во октомври, украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека Киев ќе испрати детално барање до Сеул за воена поддршка, вклучувајќи артилерија и системи за противвоздушна одбрана.

Текстот Украина бара воена помош од Јужна Кореја за одбрана од Русија е превземен од МАКФАКС.