Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шакири, денеска оствари билатерална средба со Либурн Алиу, министерот за транспорт на Косово.
Средбата се одржа во рамките на заедничката седница меѓу владите на Македонија и Косово.
Во фокусот на средбата беше квалитетно поврзување меѓу двете земји со посебен акцент на патното и железничкото поврзување.
Николоски истакна дека Македонија е влезена во силен инвестициски циклус во изградба на модерна патна и железничка мрежа, притоа потенцира дека не се отстапува од автопатско поврзување меѓу двете земји. На средбата исто така се отвори и темата за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај и изградба на заедничка железничка станица.
„Имаме добри билатерални односи со Косово и тоа се потврдува со денешната заедничка седница меѓу двете влади. Косово е наш сосед, економски значаен партнер и мораме заеднички да работиме на регионалниот развој и соработка. Со министерот Алиу разговаравме за заеднички проекти како би го забрзале економскиот развој на регионот и ќе придонесеме за подобра комуникација, олеснување на транспортот и создавање подобри услови за граѓаните и компаниите“, истакна Николоски.
На средбата се раговараше и подобрување на условите во патниот транспорт и превозот на патници.
Министрите се согласија на интензивирање на соработката и унапредување на политиките што се однесуваат на регионалното поврзување.