Мечка сред бел ден се шета во селото Петралица општина Ранковце. Информација на социјалните мрежи ја споделија од ловното здружение „Славишко поле“.
Во написот потсетуваат дека мечката е заштитен вид и нејзиното застрелување е казниво со закон.
„Почитувани ловци, ценети жители на Општина Ранковце, во село Петралица се појави кафеава мечка! Ве информираме дека со закон е строго заштитен вид на дивеч, трајно забранет за застрел. Ова е тревопасно животно и ви апелираме да не ја предизвикувате со било какви дејствија, таа сама ќе се повлече во шумските предели на нашите ловишта. Застрел на мечка е кривично дело за кое е предвидена казна затвор, а според казнениот ценовник од законот за дивечот и ловството, казната е 5000 евра“, објавија на својата Фејсбук страница од Ловното здружение „Славишко поле“.