Заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски, денес присуствуваше на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“, организиран од Владата на РСМ и Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО).

Во рамки на форумот, тој истакна дека успешните инвестиции и економските проекти зависат од ефикасна, брза и транспарентна администрација, а соработката со бизнис секторот е од суштинско значење за постигнување на овие цели.

Во таа насока, како што беше наведено, министерството активно работи на подобрување на информативните канали, со цел компаниите и инвеститорите да бидат навремено и целосно информирани за сите постапки и можности.

Во согласност со заложбата за модернизација на администрацијата, министерството иницираше Предлог-закон за обука и стручно усовршување на административните работници, кој ќе овозможи континуирана професионална надградба и унапредување на вештините на нашите кадри.
“Веруваме дека само со компетентна и добро обучена администрација можеме да обезбедиме современи и ефикасни јавни услуги.” – истакна заменик-министерот Јаќимоски.

Преку овие реформи и преку блиска соработка со деловната заедница, според Јаќимовски, ќе се создаде подобра и подинамична деловна средина, која ќе ги поттикне инвестициите и ќе придонесе за економскиот развој на земјата.