Украинскиот претседател Володимир Зеленски уште еднаш јавно му честиташе на Доналд Трамп за изборната победа, а потоа имаше и телефонски разговор со него.
„Тоа е навистина посебен ден, бидејќи една вест го привлекува глобалното внимание. Убедливиот резултат од изборите во САД. Јасното водство на претседателот Трамп. Му честитам на оваа победа“, рече украинскиот лидер.
Тој додава дека за него било „исклучително важно“ да ги слушне зборовите на Трамп „мир преку сила“, кои Трамп ги користел за време на неговото претходно претседателствување од 2016 до 2020 година. Зеленски смета дека „САД и целиот свет дефинитивно ќе имаат корист од оваа политика“.
„Не е случајно што сега толку често се споменува Роналд Реган – луѓето сакаат самодоверба, сакаат слобода, сакаат нормален живот“, додаде тој. Токму Реган го повторуваше мотото „мир преку сила“. Зеленски нагласи дека на Украина и треба „силна Америка“ и „силни сојузници“ воопшто.
„Имаме потенцијал за посилна соработка. Тоа е она што ќе ги направи Украина, Америка и целиот слободен свет поуспешни“, рече тој.
Зеленски набрзо на Х објави дека разговарал со Доналд Трамп по телефон и лично му честитал за победата. „Имав одличен разговор со претседателот Доналд Трамп и му честитав за неговата историска убедлива победа“, напиша тој.
Тој тврди дека се договорил со Трамп за одржување близок дијалог и понатамошна соработка. „Силно и непоколебливо лидерство на САД е од суштинско значење за светот и за праведен мир“, рече тој.
Текстот (Видео) Зеленски уште еднаш му честиташе на Трамп: „Не е случајно што сега толку многу се споменува Реган“ е превземен од МАКФАКС.