Во експресен воз во францускиот регион Сена и Марна утрово се случил инцидент во кој неколку малолетници се судриле со употреба на секира, при што четворица од нив биле повредени, од кои двајца потешко, јавуваат француските медиуми.

Според неименувани полициски извори, на едното лице му била отсечена раката, пишува весникот „Фигаро“.

На лице место биле распоредени полициски службеници и пожарникари-спасувачи, соопшти Регионалната експресна мрежа (РЕР Е) на мрежата Икс.

Инцидентот се случил утрово околу 08:00 часот во возот RER E, на станицата Озоар-ла-Фериер, во правец на Париз-Турнан-ан-Бри, изјавил полициски извор за францускиот весник.

Според медиумот се трага по неколку лица, а засега не се познати причините за избувнувањето на конфликтот.

Конфликтот избувнал во моментот кога возот стоел на перонот, па железничкиот сообраќај не бил загрозен, соопшти Националната железница на Франција (SNCF), пренесува Танјуг.