Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска и утре е во официјална посета на Република Чешка.

Централно место во разговорите на двајцата министри се очекува да биде перспективата на евроинтегративниот процес на нашата земја, спроведувањето на реформската агенда и во таа насока поддршката на Република Чешка за европското досие на нашата земја. Ќе бидат разгледани и можностите за унапредување на севкупните билатерални односи, со особена заложба за зајакнување на економската соработка. Двајцата министри ќе одржат и прес-конференција, а ќе имаат и поздравни обраќања на бизнис форумот кој се организира во соработка со чешко-македонската трговска асоцијација.

Покрај средбата со својот домаќин, министерот Муцунски ќе се сретне и со министерот за европски работи, Мартин Дворжак и министерот за индустрија и трговија, Лукаш Влчек, како и со претседавачот и членовите на Парламентарната група за соработка со нашето Собрание и со претседателот на Сенатот, Милош Вистрчил. Во рамки на посетата, предвидено е министерот Муцунски да одржи предавање на University of New York во Прага.