Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес учествува на Министерската конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на претседателот Зеленски од Украина, која се одржува во Монтреал, Канада. Конференцијата е организирана во ко-партнерство од министерствата за надворешни работи на Канада, Норвешка и Украина. Фокусот е ставен на третманот на политичките и воените заробеници, незаконски притворените цивили и присилно депортираните деца.
Во рамките на обраќањето на пленарната сесија која се одржа при отворањето на конференцијата, министерот Муцунски се заблагодари за поканата и истакна дека суштината на конференцијата допира не само до рамката на меѓународното хуманитарно право, туку и до суштината на нашата заедничка човечност.
„Ние силно ја осудуваме агресивната војна на Русија против Украина, која досега предизвика непоправливи загуби на човечки животи и разурнување. Целосната инвазија на Украина од страна на Русија претставува напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и флагрантно прекршување на основните начела на меѓународното право и, пред сè, вредностите на човештвото,“ истакна Муцунски во своето обраќање.
Тој потенцираше дека нашата држава силно ја осудува и континуираната повреда на меѓународното хуманитарно право и човековите права од страна на Русија во Украина, што истовремено претставува директно кршење на меѓународното право и Женевските конвенции.
„Сите прекршувања и злоупотреби на човековите права и на меѓународното хуманитарно право мора да бидат истражени, а сторителите изведени пред правдата, во согласност со меѓународното право“, подвлече министерот Муцунски во обраќањето.
Тој додаде и дека почитувањето на демократските принципи, човековите права и достоинството, како и владеењето на правото, се единствените универзални вредности што треба да бидат почитувани од сите.
„Секој миг што го поминуваме во оваа просторија нè потсетува дека зад секоја статистика стои човечка приказна – дете разделено од семејството, мајка која го бара своето блиско, постаро лице принудено да го напушти својот дом“, додаде министерот Муцунски во обраќањето.
На крајот од својот говор, министерот Муцунски ја повтори поддршката за напорите на Украина да воспостави праведен и траен мир врз основа на клучните принципи и цели преку Формулата за мир на Украина.
Текстот „Зад секоја статистика стои човечка приказна – дете разделено од семејството, постаро лице принудено да го напушти својот дом“, рече Муцунски на министерска конференција е превземен од МАКФАКС.