Американскиот производител на авиони Боинг денеска објави дека во третиот квартал работел со загуба од над шест милијарди долари, со повеќекратни загуби во одделите за комерцијални авиони, воена и вселенска опрема.

Приходите на американскиот авијациски гигант во периодот од јули до септември изнесуваат 17,84 милијарди долари и се за еден отсто помалку од истиот период лани.

Компанијата го затвори третиот квартал со нето загуба од 6,17 милијарди долари, речиси четири пати поголема од минатото лето. Во пролетниот квартал таа изнесуваше 1,44 милијарди долари, а во првите три месеци од годинава 355 милиони долари.

Од почетокот на годината, Боинг акумулираше загуби од речиси осум милијарди долари, со прекинот на производството на авиони од типовите 737 MAX, 777 и 767, штрајкот на работниците и проблемите во сегментот на оружје и вселенско производство. Во деловниот сегмент со комерцијални авиони, оперативната загуба се зголеми на четири милијарди долари во третиот квартал и беше речиси шест пати поголема отколку во истиот период во 2023 година.

Сегментот воена опрема, простор и безбедност работеше со оперативна загуба од 2,38 милијарди долари, два и пол пати поголема од лани.

Новиот извршен директор Кели Ортберг нагласи во писмо до вработените дека мора да ги подобрат перформансите во сегментот на воена опрема и програмите за модели на авионите 737 MAX и 777 и да ја стабилизираат компанијата која се најде на крстопат по серија инциденти од почетокот на годината.

Инцидентите уследија по двете несреќи со 737 MAX во 2019 година во кои загинаа вкупно 346 луѓе.