На 24 октомври (четврток) со почеток во 20 часот, во Центар Јадро – Скопје ќе биде отворена првата самостојна изложба на фотографии на фотографот Жарко Чулиќ, со наслов “Гравитација во пауза”.
“Гравитација во пауза” е прв ваков проект на авторот, кој содржи 19 фотографии, распределени во 5 групи во галерискиот простор на Центар Јадро. Оваа изложба на фотографии гравитира околу проблемот на рамнотежата како естетски, егзистенцијален, социјален и политички принцип, и невидливите тензии, трансформации, суспензии, реартикулации и трепети, кои нужно ја сместуваат рамнотежата како кревок, ранлив, нестабилен процес обременет со труд и креативност.
Делата се поигруваат со бојата, формата и текстурата. Специјално изработени за овој фотографски проект и за очудената перцепција на камерата, овие скулптури и позадини во бои кои се менуваат, стануваат форми создадени од предмети кои навидум лебдат во воздух и пркосат на гравитацијата. Фотографиите се одликуваат со структура на чувство и тон препознатлив како смиреност, но и со впечатлива едноставност и играње со пропорциите, силата и структурата. Комбинации на чисти, геометриски форми со груби и органски форми, иако навидум врамени во чистата естетска димензија, изразуваат стремеж, копнеж, нестабилност, временитост и ранливост кои преку фотографот преминуваат и ја наштекуваат перцепцијата и сензориумот на гледачот, вмрежувајќи се во серија социо-политички и егзистенцијални полиња, барајќи од нас, можеби и со мала иронија и провокација, да ги преиспитаме и одново допреме/ почувствуваме нашите тела и релации со другите и светот, како секогаш веќе распнати меѓу желбата за полнотија, рамнотежа, баланс и хармонија, и неуморливото и незвршиво инсистирање на отсутниот темел, или пак на она отаде разбирливоста на желбата, самосвеста и социо-политичките категории на препознавање.
Жарко Чулиќ e роден во Скопје 1985 година, се запишува на Архитектонскиот факултет во Скопје во 2004 година и започнува да се интересира за фотографијата, дизајнот и архитектурата во исто време. Со годините, фотографијата од хоби прераснува во професионален ангажман. Во Скопје ја завршува првата школа за аналогна фотографија и историја на фотографија, а подоцна во 2012 заминува во Белград каде е дел од школата за креативна фотографија под раководство на универзитетските професори и успешни фотографи, Саша Прерадович и Александар Келич. Во меѓувреме учествува на повеќе групни изложби, работи на неколку проекти со познати уметници од регионот. Во последните години конкретно се интересира за модната фотографија. Соработувал со повеќе магазини, дизајнери и модни куќи во Македонија, а и пошироко. Последните 9 години е дел од тимот на ПОРТРЕТ магазинот, каде работи како уредник на фотографија.
Текстот „Гравитација во пауза“ – Изложба на Жарко Чулиќ е превземен од МАКФАКС.