Владимир Перев
1.
Не знам и не можам да разберам, од каде таа омраза кон носителите на бугарски пасоши, како меѓу обикновениот народ, така и меѓу нашите политичари. Сите овде знаеме дека барем половината, ако не и повеќе, од членовите на составите на сите македонски влади и парламенти по 2002 година имале бугарски пасош, а некои и други пасоши, американски, британски, српски, албански, косовски, германски и слично. Омразата е само кон оние со бугарски пасош, а државата ни е распродадена на оние другите, не на бугарите. Тоа е нашето наследство од српското ропство по 1918 година, нашиот вграден “српски чип“ во нашата свест, нашата покорност кон Белград. Конечно, ако некој вели дека државава ни е мултиетничка, сега се слуша и мултинационална, зошто ние да не бидеме “мултипаспортни“…ние сме такви, ама не смее да имаме бугарски пасош!
2.
Интересно е како и зошто министерката за енергетика е предмет на прогон од медиите, само затоа што има бугарски пасош. Жената има богата биографија и неверојатен подем во кариерата, а сите знаеме дека тие нешта не врвата баш така лесно. Тука секако дека има замешателство на други интереси, повисоки од ситните македонски чаршиски пресметки…и никој за тоа не прашува ништо, никој не прашува ШТО таа работела со бугарскиот пасош, а не можела со нашиот, дотолку повеќе со таа самата се чуди ЗОШТО никој не ја прашува за чешкиот пасош. Чесно ли е да се каже чехина, а нечесно бугарка, или некој во Белград ќе ни се налути што на Стоиљковиќ му ставаме министер од друга, за србите вечно непријателска држава.
3.
Да, точно е дека има бугарски пасош. Точно е дека самата си го изјавила своето “б’лгарско самочувствие“, како што е точно дека има уредна документација за своите предци, поточно дека е од вистински, а не некаков лажен “б’лгарски произход“. Таков, лажен произход имаат некои од нашите функционери, но тоа е работа меѓу нив и онаа држава каде што аплицирале и која, како многупати до сега, замижала на нашите македонски лаги. Не знам за каква адвокатска канцеларија говори Божиновска, канцеларија која треба да ѝ ги врши работите…колку што знам јас, а знам бога ми доволно по оваа тема, се работи за обични бугарско/македонски “мафиоти“, кои под превезот на некаков патриотизам направија тешки милиони. До денешен ден тие се неказнети, како овде така и во Бугарија…да се знае, да не се лутиме кога во Бугарија ни велат “еден народ во две држави“, ние сме исти во она што го покажуваме, во криминалот и корупцијата!
4.
Главната работа се задолженијата на министерката и можната дискрепанца меѓу ветеното и оствареното. Тука сите знаеме дека повеќето работи потфрлија, Но ако, минстерката успее да набави струја и гас непречено во целото време на нејзиниот мандат, ако успее да се наложи на македонските компании и да се одржува нормално снабдување со горива, ако не се мрзнеме а цените се релативно прифатливи, тогаш нема никаков проблем со нејзиниот пасош и евентуалното “б’лгарско самосоазнание“. Тоа е за признание. Нека дојде и со пасош од Уганда, нема проблем. Ако пак успее да ја среди работата така, оние кукумјавки од функционери и новинари да не се јавуваат секој ден низ медиумите со загрижени гласови, “дали зимава ќе измрзнеме“ и слични глупости, тогаш за сите нас има надеж за спас. Повеќе од четириесет години ги слушаме истите прашања, уште од смртта на Тито, четириесет години се мрзнеме и плаќаме сметки како да живееме на Менхетен и никој до сега не одговарал. Ако пак успее, од утре натаму, да се направи и оној факен топловод под мостот “Беласица“, за кој не се знае кој е одговорен, тогаш нашата министерка заслужува орден.
5.
Ако се случи сето ова, редакцијата на Трибуна.мк ќе ја предложи на Парламентот на Република Бугарија за ореден “Стара планина“ од највисок ред. Не верувам дека ќе успееме, и на нас не ни врват најдобро работите со бугарските институции, ама барем ќе укажеме на најважното нешто – ако сето тоа и успее, таа ќе биде единствениот човек со бугарски документи (ете, не велам самосвест) кој за Македонија ќе направи повеќе од цар Борис Трети!
6.
Потоа пак мразете ги бугарите, таа омраза не е свест, тоа е “ропски чип“ во нашата самосвест!