По згаснувањето на домашните онлајн-коцкарници, кои нелегално приредуваа игри на среќа, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека ќе го забранат пристапот до веб-страниците регистрирани во странство, кои кај нас нелегално организираат игри на среќа. Забраната за веб-страниците регистрирани во странство е втора фаза од справувањето со нелегалното онлајн-обложување за што Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за електронски комуникации, МАРНЕТ и Лотаријата на Македонија веќе имале состанок и ги утврдиле конкретните чекори.
„Во Лотаријата на Македонија веќе се прваат табели, кои утврдуваат кои точно страници се најприсутни и кои најмногу нашите граѓани ги посетуваат, на кои веб-страници најмногу се приредуваат тие нелегални игри на среќа. Страшниот дел е што многу малолетници се вклучени. Во моментот се стотина странски веб-страници, но најкористени се две-три, кои претпоставувам сите ги знаете. Мислам дека во првата фаза ќе треба да се работи овие 100 да се забранат, а пoтоа ова ќе биде континуиран процес. Не може да се направи еднаш засекогаш, туку постојано треба да се ажурира оваа листа и постојано да се информираат АЕК и телеком-операторите дека нешто се случува за да може постојано да се движат кон забрана на овие нелегални приредувачи игри на среќа. Ако тие беа регистрирани во Македонија, ова е кривично дело што го прават, но затоа што се регистирирани во странство, не може да се стигне до тоа кој точно е приредувачот и мора да одиме со забрана на пристапот“, рече министерот Андоновски.
Законот за електронските комуникации ѝ дозволува на Агенцијата за електронски комуникации да ги задолжи телеком-компаниите да забранат пристап до одредени веб-страници ако тие се во спротивност со Законот за електронските комуникации или ако се спротивни на други закони. Министерот Андоновски вели дека ќе го операционализираат тој дел од законот оти досега не се користел.
Во наредниот период рече дека ќе излезат со точни податоци за тоа какви активности ќе преземе Министерството за дигитална трансформација и кои се активностите на МАРНЕТ, Агенцијата за електронски комуникации и на телеком-операторите кај нас.
Онлајн-коцкарниците со македонски домени, кои беа згаснати, вклучително и онаа на државната виделотарија, ги известија корисниците дека средствата од регистрираните онлајн-сметки за коцкање ќе им бидат целосно исплатени.
Министерот Андоновски е задоволен што Владата е обединета и ревноста во справувањето со нелегалното онлајн-обложување.
„Причината за ова што го правиме е поради тоа што, прво, нашите најмлади се зафатени од оваа болест, без никаква контрола. Ниту се знае дали користат туѓи лични карти, па се пријавуваат за игра, ниту се знае колку средства користат, а не се знае ни каде се излеваат тие средства, не се знае за што се користат тие средства понатаму, дали се за финансирање некои други нелегални активности. Ова е болест на македонското општество, која ни се случува. Справувањето со ова ќе биде примарна задача на Владата во наредниот период“, рече министерот Андоновски.
Првиот вицепремиер Изет Меџити од коалицијата „Вреди“, чие предизборно ветување беше справувањето со коцкањето, најави дека по онлајн-коцкањето, ќе се справат и со дивите казина во градовите во земјата.