Зеленски ја започна посетата на САД со посета на армиската фабрика за  муниција 

Претседателот на Украина Володимир Зеленски ја започна посетата на Соединетите Американски Држави со посета на армиската фабрика за муниција Скрантон, која произведува компоненти за артилерија и минофрлачки гранати, објави веб-страницата на Кабинетот на претседателот.

Kапацитетот на фабриката е целосно натоварен за да ги задоволи потребите на Украина, особено за производство на гранати од 155 мм, што е значително зголемено во текот на годината.

Шефот на државата се запозна со производниот циклус и разговараше со раководството и вработените во претпријатието.

Во текот на средбата, претседателот зборуваше за состојбите на бојното поле и ја истакна потребата од непречена и навремена испорака на најавените пакети за поддршка на одбраната.

„За нас е чест да ја започнеме нашата посета на Соединетите Американски Држави од Скрантон, од оваа фабрика, од Пенсилванија. Многу сме задоволни што имаме вакви партнери. Се разбира, сфаќаме дека САД ни помагаат уште од почетокот на целосната инвазија. И ние со нетрпение ја очекуваме нивната континуирана поддршка. Благодарен сум на претседателот Бајден, на американскиот Конгрес и на сите вработени во овие фабрики“, рече Володимир Зеленски.

Меѓу главните теми на разговор беше важноста за започнување заедничко производство на оружје во Украина и можноста за американски инвестиции во украинската одбранбена индустрија.

Претседателот исто така истакна дека оваа и другите американски погони веќе неколкукратно го зголемиле производството и ќе продолжат да го зголемуваат капацитетот.

„Овде работат 400 луѓе. Навистина сакав да дојдам овде и да ви се заблагодарам. 400 луѓе спасија милиони Украинци. Во мое име и во име на целиот наш народ, искрено ви благодарам. Ни помогнавте да го издржиме нападот на Путин“, рече шефот на државата, обраќајќи им се на вработените во фабриката.