Во Полициското одделение во Општина Јегуновце  денеска е отворена канцеларија на управните служби на Министерството за внатрешни работи каде граѓаните ќе може да извадат патна исправа, лична карта, возачка дозвола. Канцеларијата ќе работи една смена од понеделник до петок.

-Во наредниот период ќе следат уште најмалку на две локации, каде што заедно со барања на жителите а каде што имаме услови ќе отвориме  нови управни служби се со цел да ги растовариме постоечките. Претходно овде гужвата се создаваше во рамки на управни служби Тетово. Сега граѓаните од Општина Јегуновце ќе може да се пристапат и да си подигнат патна исправа, лична карта, возачка дозвола, рече Тошковски.

Министерот Тошковски нагласи дека отворањето на канцеларијата е дел од посветеноста на ова раководство на МВР да ги доближи своите услуги поблиску до граѓаните за кои, како што нагласи, и се наменети.

– Само со доближување на услугите кои се наменети за граѓаните, вистински ќе го унапредиме квалитетот на животот и работењето на граѓаните. Од денес над 12.000 жители од Јегуновце, селата и месните заедници коишто гравитираат во општината ќе можат побрзо да дојдат до својот личен документ или услугата која им е потребна од управните служби. Ние како раководство на МВР и Влада сме посветени на унапредување на сите процеси кои услугите на државата ќе направат дигитални и поблиски до граѓаните,  нагласи министерот Тошковски.

Од командирот бил информиран за набавката на нов агрегат и ново знаме за полициското одделение, нешто што недостигало при неговата посета пред неколку месеци.

Тошковски уште еднаш потсети дека гужвите кои се создаваа со промена на личните документи со новото уставно име се минато и потсети дека рокот на возачките дозволи со старото уставно име е до 31.12.2024. Ги повика граѓаните кои досега не ги замениле да го направат тоа во утврдениот рок.