Работиме на модел, медицинско-технички-економски модел, којшто би рекол е во фаза на развој и очекувам до крајот на оваа година сето тоа ќе биде завршено и од почеток на следната ќе почнеме со градење на болницата во Штип, истакна денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на отварање на првото шеталиште и манифестацијата „Пастрамалијада“ во Штип.
-Што е проблемот, проблемот е што пари нема. Парите ги украле, ги потрошиле за нешто што не требало. Требало за болницата, но парите ги украле. За жал наследивме состојба, таква-каква што е. Но, тоа е што е, вели Мицкоски.
Забележа дека нема оправдување и затоа што граѓаните ги гласале и мора да се најде решение за доизградба на Клиничката болница-Штип.
-Нашиот пристап е да обезбедиме и финансирање и допроектирање и опремување и доизградба и пренос на објектот. Тоа во моментов Законот за јавни набавки не го дозволува, ако е потребно ќе влеземе и во чекор напред, ако треба мали нивелирања и на Законот, само да можеме да ги одглавиме многу проекти, коишто се почнати. Парите се украдени и тие се сега споменици на едно време, изјави Мицкоски.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Мицкоски истакна дека е оптимист и какошто вели „иновираме се трудиме да најдеме начин, за да сето ова го задвижиме и ќе успееме“.