На покана на новоименуваниот амбасадор на Република Франција, негова екселенција Кристоф Ле Риголер, министерот за спорт Борко Ристовски беше гостин на настанот организиран од француската амбасада во Скопје, посветен на спортот и неодамна завршените Олимписки и Параолимписки игри во Париз, како дел од меѓународната кампања насловена „Make it Iconic“.

На настанот на кој се славеше спортот и спортските достигнувања, министерот Ристовски оствари и протоколарна средба со амбасадорот Ле Риголер.

-На средбата разговаравме за актуелните состојби во спортот. Амбасадорот Ле Риголер изрази безрезервна поддршка за враќање на довербата во институциите преку бескомпромисна борба против корупцијата во спортот и враќање на вистинските спортски вредности, напорна спортска работа и успех на меѓународна сцена – истакна Ристовски.

На француската вечер посветена на спортот со посебен акцент на олимпизмот и на годинешните Олимписки и Параолимписки Игри во Париз, присуствуваа и спортисти учеснции на ОИ, спортисти кои во минатото биле дел од француски клубови, претседатели на спортски федерации и спортски новинари.