Во Прилеп денеска беше претставен проектот „3ајакнување на младите преку нови можности 2“ што почна да се спроведува со финансиска поддршка од Министерството за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија и на Фондацијата „Херман Гмајнер“.

Во рамки на проектот, обезбедена е финансиска поддршка за одреден број млади лица да можат да посетуваат курсеви, а им гсе олеснува и пристапот до практиканство и вработување.

– Многу важна компонента на проектот е и психосоцијалната поддршка која на младите лица им овозможува да ги унапредат личната самодоверба и  и иницијативноста, особено важна за пристапување на пазарот на трудот. Целта е зајакнување на младите во социјален ризик и олеснување на нивниот пристап до пазарот на трудот, рече Иван Штерјоски, менаџер на проектот кој го имплементира „СОС Детско село“.

Првото издание на проектот се спроведе во периодот од 2020 до 2023 година. Повеќе од 340 млади лица ги завршија обуките, а од нив, повеќе од 200 млади најдоа работен ангажман и сѐ уште се вработени. Целна група се млади лица од 16 до 35 години од ранливите категории. Сепак, фокусот е на младите од 16 до 29 години.

– Во рамките на овој, тековен проект, кој започна во јули 2023 година, а ќе трае до есента 2026 година, се очекува да се зајакнат повеќе од 500 млади лица, а од нив, повеќе од 190 лица да најдат работен ангажман, рече Штерјоски.

Гоце Бумбароски, советник за млади при прилепската локална самоуправа посочи дека Прилеп првпат сега е вклучен во проектот, а искуствата се црпеа од другите општини и земји.

– Ги собираме искуствата за проектот да има големи ефекти. Бевме во Ерменија. Настојуваме да ги слушнеме барањата на младите, а воедно Општината да биде поотворена за сите нивни очекувања. Очекуваме голем успех и вклученост на младите кои преку вештините и обуките ќе бидат подготвени за пазарот на трудот, рече Бумбароски.

Активностите од проектот „3ајакнување на младите преку нови можности 2“ се реализираат во Скопје, Тетово, Прилеп, во Кавадарци, Штип и во Струмица. Во Прилеп соработката е со невладината Коалиција „Сега“ која работи со младите лица.