Косовскиот премиер Албин Курти на 9 септември во Лепосавиќ разговараше со претставници на локалната власт за „новите“ услуги што ги обезбедуваат агенциите кои функционираат во рамките на централните косовски институции.
Оваа посета на Курти на општина Лепосавиќ доаѓа откако на крајот на август косовските власти ги затворија српските институции во четири општини на северот на Косово, со образложение дека нивната работа ги крши Уставот и законите на Косово.
По средбата, Владата на Косово соопшти дека локалното раководство „воспоставило добра практика“ кога станува збор за давање услуги на граѓаните во рамките на косовскиот систем, а била понудена и помош од Владата.
„Се разговараше и за предизвиците и потребата од капитални инвестиции, пристап до вода за пиење, јавно осветлување и инфраструктура, особено во селата од оваа општина“, се вели во соопштението по средбата на Курти со градоначалникот Лулзим Хетеми и други претставници на локалната власт.