Неколку недели по истекот на забраната за летови во САД, во вторникот за првпат повторно полета патнички лет со моделот Боинг 737 Макс. Американ Ерлајнс леташе од Мајами до Њујорк со овој модел на авион, кој беше технички комплетно обновен по двете несреќи, пренесува Ројтерс.
За „Боинг“ ова е чекор напред сред најтешката криза во 100-годишната историја на компанијата.
Боингот 737 Макс беше исклучен од употреба во март 2019 година по две несреќи со вкупно 346 жртви во Индонезија и Етиопија. Проблемите со системот за управување се сметаа за причина за инцидентите.
Американската авијациска управа (ФАА) повторно ги одобри летовите кон средината на ноември по промената на софтверот за управување и поради барањата за преквалификација на пилотите.
Поради несреќите, надзорниот орган беше обвинет за небрежност при контролата на производителот на авиони. Американ Ерлајнс не е прва авиокомпанија што повторно го користи овој модел. Бразил и Мексико му дадоа зелено светло на 737 Макс непосредно по одлуката во Соединетите држави, па бразилската авиокомпанија „Гол“ и мексиканската „Ер-Мексико“ веќе извршија околу 250 летови.
Во меѓувреме, сè уште постои голема недоверба кај патниците. Според истражувањето на Ројтерс/Ипсос, скоро 40% од испитаниците во САД сè уште се сеќаваат на инцидентите. Информирани за несреќите, 57 проценти од испитаниците велат дека не сакаат да летаат со 737 Макс. 37 проценти би биле подготвени да се качат во авионот доколку без проблеми е во воздух најмалку шест месеци.