Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска на сметките на 8,780 лица исплати вкупно 377,7 милиони денари за „Ковид 19“ мерката за откупено грозје за винската индустрија.
Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, информира дека за мерката поддршка по килограм на произведено винско грозје до 18% шеќерни единици наменето за производи од грозје и вински дестилати, исплатени се 92.755.758 денари на 1.970 субјекти.
Корисници на оваа мерка се сите производители на грозје кои во периодот од 15 август до 31 октомври 2020 година произведените количини ги предадале на регистрирани производители на вино наменето за производи од грозје и вински дестилат.
„На сметките на 6.763 земјоделци беа исплатени 211.481.873 денари за оние земјоделци кои во период од 15 август до 31 октомври 2020 произведеното грозје го предале кај регистриран откупувач на винско грозје за производство на вино или за извоз на винско грозје“, појаснува Бачовски.
Со овој пакет се обезбеди и поддршка од 30% за направени транспортни трошоци за извезено флаширано вино и 20 % за направени транспортни трошоци за извезено наливно вино. По овие основи на 28 субјекти, исплатени се 63.422.227 денари. На овој начин се амортизираа транспортни трошоци што домашните капацитети ги имаа направено за извезено вино во шишиња во периодот од 1 јануари до 31 октомври 2020 година. Исто така преку овој„ Ковид 19“ пакет мерки се обезбеди и поддршка за извезено винско грозје. Со оваа мерка опфатени се 19 субјекти и на нивните сметки исплатени се 10.008.490 денари.