Премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на пуштање во употреба на доградба на ЈОУДГ „Гоце Делчев“ во Општина Илинден.

Како што информира владината прес-служба, изградбата на новиот дел на детската градинка „Гоце Делчев“ траеше 10 месеци. Проектот чини 15 000 000 денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на општината, додека средства за опремата обезбеди Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Капацитетот на доградбата е за 60 деца и опфаќа 280 квадрати, со две отворени и две затворени занимални, три тоалети, тријажа, чајна кујна и посебен влез со хол.

Во моментот ќе се згрижат децата од најмалата (јаслена) група, но има можност во иднина да се згрижат и деца до шест годишна возраст.

-Со отворање на овој оддел во Општина Илинден се реши проблемот и повеќе нема листи на чекање за згрижување на деца во детските градинки, наведуваат од Владата.