Сигурно е дека нема да има олабавување на мерките за Нова година и Водици, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, потенцирајќи дека рестриктивните мерки, односно карантинот ќе бидат во сила, како што беше најавено до 7 јануари 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Пецас истакна дека за време на Божиќ сликата во Грција била подобра од онаа од други европски земји, но додаде дека за една седмица до десет дена ќе се покаже колку граѓаните биле внимателни.
Во однос на училиштата, портпаролот на грчката Влада рече дека приоритет е нивното отворање, а во текот на неделава министерката за образование ќе има средба со членовите на надлежната комисија.
„Приоритет на Владата е да се отворат училиштата. Во однос на останатите прашања, треба да видиме каква ќе биде ситуацијата следната седмица, на кое ниво ќе бидат новите случаи, каква ќе биде состојбата на националниот здравствен систем, особено на интензивна нега и во однос на приклучените на апарати и тогаш ќе донесеме одлуки за останатите сектори на економијата“, објасни Пецас.
Истакна дека иако индексот на ширење на вирусот (Rt) е на ниско ниво, блиску до еден, сепак потребна е претпазливост и додаде дека според последните податоци од вчера, во цела Грција исполнети се 68 отсто од креветите на Одделите за интензивна нега, 63 проценти во областа Атика и дури 91 отсто во Солун.