Во дебарското село Долно Косоврасти, по 15 години, од неодамна повторно се слуша езан од старата џамија, откако беше целосно реновирана, со залагање на џамискиот одбор и благодарение на финансиската поддршка на иселеник од ова село.

– По деценија и пол џамијата повторно е во функција, на големо задоволство на жителите. Успешно е реновирана и таа доби нов сјај и убавина, благодарение на нашиот соселанец Ремзит Равманоски, кој живее и работи во Словенија, каде има свој бизнис. Секако во активностите помогнаа и жителите. Посакувам Алах да ги награди сите кои помогнаа во реновирање на нашата џамија, рече за МИА, Орхан Рамаданоски одговорен на џамискиот одбор.

Сега тука секојдневно се одржуваат молитви, како и  исламски предавања од страна на имами.
Објектот е изграден во 1929  година, а првпат бил реновиран 1976 година. Селото со околу 1600 жители има и нова џамија, но, како што велат, посебно емоционално се поврзани со старата или горна џамија.