Суд во Австралија пресуди во корист на трансродова жена која тужеше апликација за дискриминација откако ѝ беше одбиен пристап затоа што е машко. Судот утврди дека Роксан Тикл не била директно дискриминирана, туку била жртва на индиректна дискриминација. Судот пресуди апликацијата да ѝ плати 10 000 австралиски долари отштета на Тикл, пишува Би-би-си.
Спорното прашање на судењето беше: што е жена? Имено, Тикл во 2021 година ја презела „Гигл фор грлс“ (Giggle for Girls), апликација која се рекламира како онлајн скривница каде што жените можат да ги споделат своите искуства на безбеден простор, а на мажите не им е дозволен пристап.
Таа морала да прикачи селфи, а седум месеци подоцна ѝ бил забранет пристап
За да добие пристап, Тикл морала да прикачи селфи за да докаже дека е жена. Сепак, седум месеци по успешното приклучување на платформата, членството ѝ било забрането. Тикл тврдеше дека има законско право да користи услуги наменети за жени и дека била дискриминирана врз основа на својот родов идентитет.
Таа ги тужеше платформата и извршната директорка Сал Гровер, барајќи отштета од 200 000 австралиски долари. Таа во својата жалба навела дека поради одлуката имала постојана вознемиреност и повремени мисли за самоубиство.
„Дискриминирана врз основа на пол, а не врз основа на родов идентитет“
Правниот тим на „Гигл“ во текот на целиот случај тврдеше дека полот е биолошки концепт. Тврдеа дека била дискриминирана врз основа на пол, а не родов идентитет. Апликацијата е дизајнирана да ги исклучи мажите, а бидејќи нејзиниот основач ја перципира Тикл како маж – таа тврди дека одбивањето пристап до апликацијата било легално.
Но, судијата Роберт Бромвич во својата одлука рече дека судската пракса постојано открива дека полот е „флуктуирачки и не нужно бинарен“, на крајот отфрлајќи го аргументот на „Гигл“. Тикл рече дека пресудата „покажува дека сите жени се заштитени од дискриминација“ и дека се надева оти случајот ќе биде „лек за трансродовите и родовите различни луѓе“.