Портпаролот на Советот за национална безбедност при Белата куќа, Џон Кирби, извести дека преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа, кои се одвиваат во Доха, имаат „ветувачки почеток“.
Кирби изјави дека разговорите ќе продолжат и утре. – Се наоѓаме во момент кога рамката на договорот е општо прифатена, а празнините кои треба да се пополнат се однесуваат на неговото спроведување, додаде тој.
„Сè уште има многу работа пред нас“, рече Кирби и додаде: „Со оглед на сложеноста на договорот, не предвидуваме дека денешните дискусии ќе завршат со постигнување решение“.
– Пречките кои остануваат можат да се надминат и ние мораме да постигнеме решение, додаде тој.
– Заложниците мора да бидат ослободени, мора да има пауза (во борбите) поради палестинските цивили во Газа, безбедност за Израел и намалување на тензиите во регионот, и сето тоа мора да се случи што е можно побрзо, истакна Кирби.
Портпаролот потврди дека директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, учествува во преговорите во Доха. /МИА