Претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, денеска во Тирана имаше средба со претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, по што објави дека е „среќна што првата пријателска посета во канцеларијата по преземањето на функцијата претседател на Собранието, ја имав со мојот косовски колега Глаук Конјуфца“.

„Двете наши собранија ќе продолжат да соработуваат за интегративните процеси во ЕУ, поддршката за прием на Косово во НАТО, Советот на Европа и застапеноста во меѓународните организации. Делегациите на Собранието на Албанија во меѓународните парламентарни организации силно лобираат за зголемување на застапеноста, признавањето и меѓународната улога на Косово, напиша Спиропали  во објава на Фејсбук.

Додава дека собранијата на двете земји изградиле одлична братска соработка, не само протоколарна, туку функционална и практична меѓу претседателите, парламентарните комисии, пратеничките групи и пратениците.

„Со Меморандумот за соработка, потпишан во септември 2022 година, се создаде заедничка рамка за парламентарна соработка, по што следеше заедничката средба на двете собранија, по повод 110-годишнината од независноста на Албанија, на 27 ноември 2022 година, потсетува таа.

Најавува дека првата посета како претседател на Собранието на Албанија, функција на која беше избрана на 30 минатиот месец,  ќе биде токму посетата на Косово.