Романскиот Парламент денеска ја одобри новата Влада, која како премиер ќе ја води поранешниот инверстициски банкар и министер за финансии Флорин Кацу. „За” новата Влада гласаа 260 од 465 пратеници во дводомниот парламент, додека 186 пратеници беа „против”.
– Ве уверувам дека нема да играм на вашата доверба – изјави Кацу пред Парламентот.
Тој додаде дека Владата ќе стори се што е во нејзина моќ да постигне две цели: што побрзо да се излезе од здравствената криза предизвикана од пандемијата и да ја врати економијата на нозе.
Кацу работеше како економист во Централната банка на Нов Зеланд и Европската инвестициска банка пред да влезе во политиката во 2016 година. Новиот романски премиер студирал во САД. Тој е член на Национал-либералната партија, чиј лидер и поранешен премиер Лудовик Орбан поднесе оставка по изборите одржани на 6 декември.
Кацу е поддржан од три други партии, со што се стекна со мнозинство во Парламентот.
Опозициската Социјалдемократска партија освои најмногу гласови на изборите на 6 декември – 30 проценти, но не можеше да добие поддршка од повеќе од половина од пратениците потребни за формирање Влада.