Годината која веќе речиси е зад нас е убедливо најсмртоносна година во досегашната историјата на САД, каде што по првпат има повеќе од три милиони смртни случаи, што секако дека во најголем дел се должи на светската пандемија со ковид-19.
Конечните податоци за смртноста за оваа година нема да бидат достапни уште неколку месеци, но прелиминарните статистики покажуваат дека САД се на пат да забележат повеќе од 3,2 милиони смртни случаи годинавa, односно минимум 400.000 повеќе отколку во 2019 година.
Бројот на смртни случаи во Америка се зголемува речиси секоја година, но во 2020 бројките се зголемија за околу 15 проценти, а тој раст може да биде поголем откако ќе бидат обработени податоците од декември.
Ова може да биде најголем процентен скок на бројот на смртни случаи од 1918 година, кога десетици илјади американски војници загинаа во Првата светска војна, а стотици илјади Американци починаа од пандемијата на грип. Тогаш, смртните случаи се зголемиле за 46 проценти во споредба со 1917 година, пренесува АП. Повеќе од 320.000 Американци починале досега од Ковид-19.
Пред пандемијата, постоеше причина за надеж во поглед на трендовите со стапката на смртност во САД. Вкупната стапка на смртност малку се намали во 2019 година, како резултат на намалувањето на срцевите заболувања и смртните случаи од рак.