Суданските паравоени Сили за брза поддршка (РСФ) денеска го нападнаа градот Синга во централниот дел на земјата и отворија нов фронт, додека земјата е на работ на општа глад.
РСФ започна офанзива во провинцијата Сенар порано оваа недела, напаѓајќи го селото Џебал Моја пред да ја започне офанзивата на градот Синга, седиштето на провинцијата.
Како што пренесува МИА, вчера групата соопшти дека го зазела главниот воен објект, штаб на 17-та пешадиска дивизија во Синга. Локалните медиуми исто така известија дека РСФ успеала да ја пробие одбраната на армијата.
Меѓутоа, портпаролот на суданската армија, генерал Набил Абдала, рече дека армијата ја повратила контролата над тој објект и дека утринава борбите сè уште траат.
Според Меѓународната организација за миграција на ОН, најмалку 327 семејства морале да избегаат од Џебал Моја и Синга во побезбедни области. „Ситуацијата е сè уште напната и непредвидлива“, се наведува во соопштението.
Најновите борби во Сенар се случуваат во време кога сите очи се вперени во ал-Фашер, голем град во обемниот регион Дарфур, кој РСФ го опседнува со месеци во обид да го преземе од армијата. Ал-Фашер е последното воено упориште на официјалната армија во Дарфур.
Судан е зафатен од насилство од средината на април кога тензиите меѓу официјалната армија предводена од генералот Абдел Фатах Бурхан и паравоените Сили за брза поддршка под команда на генералот Мохамед Хамдан Дагало прераснаа во отворени борби.
Оттогаш борбите се проширија на неколку делови на земјата, а главниот град Картум и соседниот Омдурман станаа урбано бојно поле. Судирот, исто така, предизвика етничко насилство во западната суданска област Дарфур.