Првата пратка од вакцините се очекува на Кипар да биде доставена на 26 декември, а според планот, вакцинацијата да започне ден подоцна, соопштија од Министерството за здравство на Кипар, јави дописничката на МИА од Атина.
Додаваат дека процените се дека во првиот квартал од 2021 година земјата ќе добие околу 28 отсто од вкупната нарачана количина и 86 проценти од предвидените вакцини за првите три месеци од следната година.
Од првата пратка ќе се вакцинираат околу 8.000 лица, а приоритет ќе имаат здравствените работници и персоналот и згрижените во домовите за стари лица.
Паралелно, министерот за здравство на Кипар Константинос Јоану, денеска најави дека до 10 јануари се продолжуваат, постоечките рестриктивни мерки, односно полицискиот час и одлуката да останат затворени моловите, кафулињата, баровите, таверните, рестораните, пабовите итн.
Исклучок ќе има за Божиќ и Нова година, кога полицискиот час, наместо од 21 часот ќе биде од 23 часот на 24 декември и од 1 часот по полноќ на 31 декември.
Во домовите дозволено е собирање на најмногу десет лица, вклучително и деца.
Црквите ќе бидат отворени само за Божиќ и Водици, согласно здравствените протоколи.
Од почетокот на епидемијата на Кипар се регистрирани 96 смртни случаи и 18.004 заболени, а во болниците, хоспитализирани се 127 лица, од кои 31 се во сериозна состојба.
Извор:МИА