Им чита на оние кои сами не сакаат да читаат, ама уживаат да слушаат кога некој друг им чита. Тоа уживање е уште поволшебно благодарение на топлиот глас на Мими, нејзината страст кон литературата и интерпретацијата, и се разбира, нејзината „дебела“ образовна подготвеност.
Мими Стојановска, 35-годишна скопјанка, по професија професор по Филозофија и магистер по економски науки, сепак невработена, е самохрана мајка на две дечиња, 7-годишниот Борјан и две и пол годишниот Војдан. И вистинска жена – лавица е. Не е „кукумјавка“, напротив, откако останала сама, со децата, и уште и без работа, конците си ги презела во свои раце и згора на тоа, животот си го заросила со уметност. Уметност не само за неа и за нејзините деца, туку и за други мајки, татковци и деца, и за други девојки и момци, за сите љубители на литературата. Имено, за време на домашната изолација во екот на коронакризата, Мими си отворила свој јутјуб-канал насловен „Слушај книга, читам за Вас“ каде што, претпоставувате веќе, чита „на глас“ книги.
– Како мајка, читањето на глас на другите е нешто што природно си дојде. Но, откако прочитав една „посебна книга“ и ја препорачав на мои блиски, видов дека има многу возрасни што се мрзеливи за читање, но сакаат да знаат што пишува во книгите. По неколку пречитувања на глас за други на книгата „Е баш ме заболе“, се роди идејата за јутјуб-каналот, како најдобра опција, едно пишано дело да биде доближено до што поголем број уши – ни рече Мими.
Каналот „Слушај книга, читам за Вас“ е релативно нов, а на него, засега, има само четири книги. Но, веќе има околу 1.400 претплатници и 2.000 часа гледаност. А, со 1.000 следбеници и 4.000 часа гледаност би го исполнила условот на Јутјуб да може да аплицира за монетизирање. Приливите секако би ѝ биле добредојдени, особено во ситуацијата во која се наоѓа, но тие исто така би ѝ овозможиле и снимање на повеќе книги.
– Не се разбирам од јутјуб-бизнис, но тоа што до мене стигнува како коментар се исклучиво позитивни критики и поддршка да продолжам. Слушателите се од различна возраст и пол, бидејќи комбинирам литература со различен жанр, сметајќи дека секој заслужува да го чуе своето омилено дело – објаснува оваа прескрасна, искрена „читачка“.
За изборот на книги за читање, Мими ги следи предлозите од слушателите, но секако, не е возможно да одговори на секое индивидуално барање. Ветува дека ќе се потруди, барем жанровски, да го задоволи интересот на сите.
– Доколку се случи и нешто да заработам, нема да се налутам – се смее Мими и додава – Инаку, засега, не само што не се живее од ова што го правам, туку не сум заработила ниту денар. За жал, контентите кои заработуваат, со чест на исклучоци, се нешто кое јас, ниту како мајка, ниту како човек, не го поддржувам. Некој конкретен план за развој нема, бидејќи сето тоа зависи од моменталните околности, кои за жал, во моментов не ми се баш идеални.
Добила поддршка од луѓе кои знаат да работат снимање и монтажа, и засега останува да продолжи да чита, со надеж дека во иднина ќе има средства за да го направи каналот поинтересен, покреативен, а на тој начин да доближи што повеќе книги до што поголем број слушатели.
Ја прашуваме Мими што значи да се биде самохран родител во денешна Македонија.
– Ах…, значи да водиш борба на дневно ниво, за децата пред сè, да останеш пред нив насмеан, колку и да ти е голем океанот од насобрани солзи, но најмногу од сè значи да се надеваш, зошто само така ќе ја исполниш одговорноста кон оние што си ги донел на овој свет, во оваа држава. Во секоја фаза на животот поддршката е најважна, кога си горе високо – за да не те проголта егото, кога си долу – за да не потонеш. Јас ја имам таа поддршка и сум бескрајно благодарна – ни одговара.
Пред нас е празничната сезона, па ја замолуваме читачката да им препорача по некоја книга и на нашите читачи и читачки. Па, еве ги нејзините три предлози:
„Е баш ме заболе“, „Калуѓерот што го продаде своето ферари“ и „Секој има своја приказна“.
Ете, баш така и Мими има своја приказна како оној наслов од кориците – „Секој има своја приказна“. И рака на срце, херојска ти е приказната, Мими!