Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Берлин, на почетокот на конференцијата за обновата на Украина, побара краткорочна помош за поправка на електричната мрежа и долгорочни инвестиции во енергетскиот систем на земјата.
На почетокот на меѓународната конференција за собирање помош за обнова на Украина, уништена од руската инвазија, Зеленски повторно апелираше за поголема помош во оружјето, кое му е потребно да го одбрани од руски ракетни напади.
Зеленски на конференцијата кажа дека во следниот месец на Украина и е потребна опрема за топлани и електрани кои во моментов не се функционални, наведувајќи дека се уништени девет гигавати производствен капацитет на електрична енергија, а потрошувачката минатата зима, кога беше на својот врв, изнесуваше 18 гигавати.
Украинскиот претседател, кој оваа недела ќе учествува на самитот на Групата седум водечки либерални демократии (Г7) во Италија и на мировниот самит во Швајцарија, рече дека енергијата е „сè уште една од главните цели“ на рускиот претседател Владимир Путин и додаде дека странските инвестиции во енергетиката биле заемно корисни.
-Украина ги има сите природни основи за модерна енергија, но без ваше финансирање и инвестиции, нема да можеме да ги реализираме. Не станува збор за грантови, туку за инвестиции со висок принос за вашите компании, за голем пазар за вашата опрема, за програми за заеми за вашите институции, кои заедно би можеле да создадат десетици илјади работни места, рече Зеленски.