Гости од Украина, Молдавија и Бугарија денеска го посетија Вински Музеј за регион Тиквеш – Кавадарци, во рамките на Интернационакниот Фестивал на таленти во музиката, во организација на здружението Арт – Ин.
Вкупно 13 илјади посетители го имаат посетено Вински музеј Кавадарци за повеќе од три ипол години, соопшти директорката Весела Честоева.
– Вински музеј за регион Тиквеш од Кавадарци, станува се поинтересна дестинација за туристите. Од ден на ден расте интересот за овој музеј, за настаните што ги организираме овде и за експонатите што говорат за историјата, културата и традицијата во најголемиот лозаровинарски регион во државата. Гостите се запознаваат со богатата традиција во делот на винската култура во Тиквешијата. Развојот на туризмот и воспоставување на соработка со други туристички дестинации, е приоритет на Општина Кавадарци, подвлече Честоева.
Таа нагласи дека оваа културна институција е секогаш отворена за најразлични настани за различни генерации, што ги промовираат уметноста, историјата, културата и традицијата на овој простор.
– Отворивме и две винотеки, во кои може да се купат вината од семејните винарии, како значаен потенцијал за лозаровинарството и винскиот туризам, нагласи Честоева.
Таа додаде дека нивните настани вклучуваат лица од различни генерации, а им посветуваат внимание на сите видови на уметност.
– Наша цел е да го издигнеме на повисоко ниво македонското вино на светската винска карта, а винскиот музеј да биде задолжителна дестинација на вљубениците во убавото вино, што исто така претставува своевидна уметност, додаде Честоева.