Жената претприемач, која во овие тешки времиња решила да почне со самостојна дејност е многу храбра. Таква жена е Валентина Стефановиќ.
Во рамки на серијалот „Секојдневни хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство, кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Валентина Стефановиќ.
Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот,односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
– Моментот кога сфатив колку е важно да се живее сегашниот момент. Минатото не можеме да го смениме, иднината е непозната. И живеејќи го само сегашниот момент растоварени од товарот на минатото и од мислите за иднината, исполнети со љубов, разбирање, сочувство, креација… креираме нова иднина. Животот го разбирам како игра. И во таа игра секојдневно се случуваат пресврти. Најмалите ситници можат да бидат пресврт со големо значење доколку ги забележиме.
Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
– Охрабрување и поддршка. Охрабрување за прифаќање на сопствените вредности, огромната енергија и креативноста што ја поседуваат и надминување на стравот за започнување нешто ново и остварување на нивните визии. Поддршката им е потребна за да се охрабрат да ги направат првите чекори во која и да е насока. Сметам дека жената може најмногу да направи за жена. Затоа апелирам до жените кои тоа го можат и умеат несебично да пружаат рака на жена на која ѝ се потребни поддршка и насоки.
Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
– Ти си совршена креација на универзумот. Не дозволувај да те етикетира твоето его и исто така не дозволувај да те етикетира некој друг. Создаден си да бидеш љубов и да шириш љубов и разбирање. Не осудувај и разбери ја реалноста на другите. Биди хуман и благороден човек. Секој ден заблагодари се за тоа што го имаш и за тоа што си, и секој ден подари нешто, па нека е и само добар збор и насмевка.
Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
– Бидејќи сега сум во водите на претприемништвото, конкретно почнав со производство на рачно изработени сапуни од природни масла, можам да кажам нешто во тој правец. Сметам дека жената претприемач, која во овие тешки времиња решила да започне со самостојна дејност, е многу храбра.
Секојдневно слушаме дека има поддршка за малите и средни претпријатија, посебно за жените претприемачи, но јас сметам дека целиот процес треба да биде потранспарентен, информациите подостапни, да им се овозможи на жените полесно да добијат помош за почеток. Бидејќи баш заради наидување на препреки во смисла (треба да платиш обука за да научиш како да аплицираш), многу жени се откажуваат уште на самиот почеток. Јас би им препорачала на одлучувачите да го поедностават стартот, да внесат ветер во грб, а обуки да имаат жените во конкретната дејност што ќе ја работат, која би била од стручни лица од областа и бесплатна, се разбира. Да се следи работата на претприемачот што значи поддршка со ослободување на давачки, даноци, царини, помош при пласирање на производ… односно давање можност да се застане на нозе.
Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
– Сметам дека жената е едно битие кое е обдарено да дарува многу љубов, нежност, таа е мајка, домаќинка, учителка, тренер, готвач и што уште не во семејството, а воедно и деловна жена која придонесува во семејниот буџет. Три работи кои во овој момент во однос на жените би ги сменила се: пократко работно време, четири дена во неделата и седум часа во денот; укинување на третата смена за жените што работат во фабриките; бенифициран стаж за жените бидејки, ќе повторам, тие освен што се вработени се и мајки, домаќинки, учителки, готвачки…
Што би им препорачале на младите жени кои се сѐ уште несигурни во себе?
– Овде ќе зборувам за жените што сакаат да почнат и да се остваруваат преку своите вештини. Според мене, поимот жена е енергија. Секоја од нас поседува огромна енергија и треба само да ја канализираат во правецот на сопствениот фокус. Да бидат храбри да се растоварат од какви било стравови, да не се плашат да го прават тоа што го сакаат. Само тоа што го правиш со љубов дава резултати. Да не чекаат сè да биде совршено за почеток, тогаш почетокот нема да се случи; да не одложуваат, само да почнат; да не се колебаат и да не се срамат да побараат помош. Да не се плашат од критики, на нив да гледаат како патоказ за нивното усовршување. Нека не ги обесхрабрува конкуренцијата, таа треба да биде нивниот мотиватор. И на крај да бидат хумани, да донираат и да помагааат секогаш кога се во можност. Подарувајте љубов, таа се враќа многукратно во секоја сфера на живеењето.