Израелската војска денеска ги повика луѓето во делови од источен Рафах „итно да се евакуираат“ во, како што ја нарече, хуманитарна област, пренесе Си-Ен-Ен.
„За ваша безбедност, Армијата на одбраната ве повикува веднаш да се евакуирате во проширената хуманитарна област на контролните пунктови“, рече портпаролот на ИД, Авишаи Адраи во соопштението.
Повикот доаѓа еден ден откако министерот за одбрана на земјата им рече на војниците во Газа да очекуваат „интензивна акција“ во градот „во блиска иднина“.
И покрај предупредувањата од ОН и хуманитарните групи, Израел постојано сигнализираше планови за испраќање копнени трупи во Рафа, јужен град на границата со Египет, каде што се верува дека повеќе од милион раселени Палестинци се засолниле од 7 октомври.
Жителите и раселените луѓе во источен Рафах се преплашени и во состојба на паника откако израелската војска издаде наредба за евакуација во понеделникот, според стрингерот на Си-Ен-Ен во областа.
Според Си-Ен-Ен, тимовите на Црвениот крст возат низ источниот дел на Рафах и им кажуваат на луѓето да се евакуираат до вечер.
Се проценува дека околу 100.000 луѓе ќе бидат раселени од источен Рафах, соопшти војската на брифинг со новинарите. Се вели дека луѓето во Рафах ќе добиваат СМС пораки, телефонски повици, медиумски преноси на арапски, како и флаери, во кои ќе им се кажува „веднаш да се евакуираат“.
Претходните израелски наредби за евакуација во Газа пред воените операции беа дочекани со критики од ОН и хуманитарните групи, кои постојано рекоа дека во енклавата нема безбеден простор за бегство.
Д. Т.