Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија ќе им биде забранет пристап на Клиниката. Ваквиот чекор на ДСЗИ следува откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки.
Како што денеска информираше директорката на ДСЗИ Рената Младеновска менаџментот на Клиниката не постапил по мерките што ги издал ДЗСИ, освен по една точка да се свика Управниот одбор.
Прашана како е можно да се појавуваат на работа лица кои немаат договор за работа, Младеновска упати одговорот да се бара кај менаџментот на Клиниката и кај Министерството за здравство.
ДСЗИ изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки кои истото беа должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по истото решение, меѓутоа такво писмено известување не добивме. Со оглед на фактот дека на самиот надзор присуствуваа двајцата директори и медицинскиот и организацискиот беше доставена документација во однос на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите од истите документи ДСЗИ го констатираше следново: По точка 1 и 2 од решението издадено за опомена не се постапува, односно здравствените работници соработници коишто немаат договор за вработување, односно договорот им истекол на 31.12.2023 година истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија што значи дека под точка 1 и 2 не е постапено од решението, рече Младеновска.
Доколку не се постапи и по ова решение, Младеновска рече дека следуваат парични казни за организацискиот и за медицинскиот директор, како и за самата Клиника.
Со организациската директорка, како што изјави, разговарале со преведувач бидејќи таа не го користи македонскиот јазик.
Вработени од Токсикологија преку писмо до медиумите реагираа за односот на в. д. организациската директорка Бесија Иљази, која меѓудругото не потпишува клучни документи. Во писмото пишуваше дека Клиниката веќе два месеца не е осигурана иако тоа е законска обврска. На прес-конфренцијата, лекари од стручниот колегиум на Токсикологија кажаа дека Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар. Но, затоа е упорна да се вработат 18 лица на кои им се истечени договорите за дело на 31 декември 2023. Тие кажаа дека Иљази не знае македонски јазик и не може да се разберат со неа и доаѓа на работа во 10 часот, а си оди во 14,30.
По прес-конфренцијата на лекарите од стручниот колегиум на Токсикологија, средба со новинарите имаше и министерот за здравство Илир Демири кој најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија д-р Данил Петровски, а за економската директорка Бесија Иљази, вели дека нема констатирано ниту едно прекршување.
Неколку дена подоцна пукна цевка од парно на Токсикологија и беа поплавени речиси сите лекарски канцеларии на вториот кат, болнички соби на првиот кат, Одделението и сметководство, ходниците на приземјето, чекалната се до амбулантата на ОРЛ и дел од подрумските простории.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.