За дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев разбирлива е бурната реакција на јавноста во врска со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу. Бојмацалиев денеска се воздржа од давање повеќе изјави од она што вчера беше наведено во соопштението од МВР.
Бојмацалиев најави дека внатрешната контрола при МВР ќе биде вклучена во врска со тоа што вчера се случувало, зошто е уапсен новинарот и на кој начин.
Тој додаде дека во моментов имаме министер кој е од политичка партија која во минатото знаеше да им се спротивстави на гласните новинари, да ги апси, да затвора телевизии и сосема оправдано е, вели, што граѓаните реагираат на овој начин.
„Во моментов имаме министер од политичка партија која во минатото знаеше да се спротивстави на гласните новинари, да затвора телевизии. Сосема оправдано што граѓаните реагираат, јас нема повеќе ништо да додадам од она што е соопштено од МВР. Од денеска за тоа што се случувало, зошто е уапсен и на кој начин новинарот, вклучена е и внатрешна контрола“, рече Бојмацалиев одговарајќи на новинарски прашања при неговата денешна работна посета на СВР Охрид, Езерската полиција и на Граничниот премин „Свети Наум“.























