Општините Делчево и Берово се стекнаа со сертификати за учество во проектот на УСАИД ,,Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите” За таа цел градоначалниците на двете општини, Горан Трајковски и Звонко Пекевски учествуваа на настанот организиран од УСАИД во рамките на нивниот проект.

-Општина Делчево доби сертификат за признание за заложбите на општината и извонредните перформанси во подобрувањето на капацитетите на општините. Ова е од големо значење за зголемување на сопствените приходи, обезбедување повисоко надворешно финансирање и ефикасно планирање и извршување на буџетот, истакна градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

Во рамки на настанот градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски го сподели искуството на Општина Берово и  придобивките од партнерството со Проектот на УСАИД.

-Клучот на успехот, покрај од максимизирање на приходите по основ на данок на имот, лежи и во финасиската стабилност на општината, пред се деблокирање на сметката на општината а понатаму и правилно менаџирање со приходите и расходите. Искуството покажа дека приходите по основ на данок, секогаш можат поуспешно да се прибираат. Исто така еднаквиот даночен третман спрема сите даночни обврзници е многу важно за стекнување на довербата кај граѓаните, без разлика дали се работи за физичко лице или за фирма, рече Пекевски.

Искажа благодарност до УСАИД, што преку проектот подигнато е нивото на наплата на даноци, во значителни размери.

-Лицето кое што беше ангажирано на проектот даде голем придонес кон зголемување на даночната основа (репроцена). Подигнат е фискалниот капацитет на општината воопшто. Зголемен е административниот капацитети за управување со општински јавни финансии, планирање и извршување на буџетот, фискална транспарентност и отчетност, планирање и прибирање на приходи од сопствени извори, пристап до надворешно финансирање, и подобра соработка со приватниот сектор, додаде Пекевски.

Како резултат на успешната соработка во рамките на проектот, на Општина Берово истотака и беше доделено признание.