Москва започна широка кампања со која им порача на жителите на окупираните делови на Украина да гласаат на претседателските избори во Русија. За прв пат националното гласање се одржува во текот на три дена (15-17 март), но дополнително порано гласање веќе започна во окупираните делови на четири украински региони: Запорижја, Херсон, Донецк и Луганск.
Гласањето вообичаено започнува рано во оддалечените делови на Русија, но процедурата е проширена на четирите делумно окупирани региони на Украина „од безбедносни причини“.
Принудени да гласаат на „слободни, фер и демократски“ избори на руски начин
Постојат различни начини на кои Украинците под окупација се принудени да гласаат. Иако окупациските власти поставија избирачки места, гласачите не се обврзани да ги посетуваат, бидејќи истите тие власти испратија луѓе со гласачки кутии во нивните домови.
Властите организираат бесплатни концерти и храна за да ги привлечат гласачите на избирачките места, тактика што се користеше во советската ера. Фото кредит: ТВ ТавријаЕден жител се пожали на проруски соработници со гласачки кутии кои одат од куќа до куќа барајќи гласачи придружувани од вооружени војници.
Како се одвива гласањето во окупираниот Северодонецк може да се види од видеото кое на социјалната мрежа Х го објави источно европскиот медиа аутлет Некста.
Таканаречените „рани претседателски избори“ се одржуваат во придружба на вооружен руски силеџија кој се грижи луѓето да го направат „вистинскиот“ избор, пишува во објавата.
Occupied Severodonetsk. The so-called “early presidential election” is taking place in the company of an armed Russian thug who is making sure that people make the “right” choice. pic.twitter.com/ukbBpFSisH
— NEXTA (@nexta_tv) March 13, 2024
Украинците под окупација се под притисок и преку кампањата за гласање наречена ИнформУИК, наводно дизајнирана да ги информира за постапката на гласање, како и за сите кандидати.
Од кампањата се обидуваат да ги посети сите преостанати жители на регионите окупирани од Русија дома – а нејзините претставници честопати се придружени од вооружени луѓе.
„Почитувани гласачи, се грижиме за вашата безбедност! Не мора никаде да одите да гласате – ќе дојдеме кај вас дома со гласачки ливчиња и кутии! објави на социјалните мрежи изборната комисија инсталирана од Русија во регионот Запорижја.
Тие собираат лични податоци за да состават списоци со избирачи, а понекогаш и ги снимаат локалните жители за време на таквите посети. Рускиот изборен шеф во делумно окупираниот регион Запорижја призна дека локалното население било загрижено поради снимањето. Украинците веќе се под голем притисок да земат руски пасоши, но украинските пасоши се прифаќаат како доказ за лична карта за да се олесни гласањето.
Ова не е демократија, ова е комедија
“Тоа беше вистински празник! Со музика, балони и руски знамиња!” таблоидот Комсомолскаја Правда објави за кампањата за предвремено гласање во регионот Херсон, која заврши на 3 март. „Десетици илјади луѓе!
Пропагандата на Кремљ ги користи изборите за да направи слика за едногласна поддршка за руската инвазија и анексија на Украина.
Но, овие внимателно кореографирани слики доаѓаат на сметка на илјадници критичари замолчени, депортирани, затворени или убиени. Многумина заминаа – особено младите луѓе – не сакаат или не можат да живеат под руска окупација поради нивните ставови.
Гувернерот Федоров, вели дека локалните жители на неговиот делумно окупиран регион се заплашувани да гласаат:
„Тие одат во секој стан и кај секој дома и прашуваат – дали сакате да гласате?“ Нашите граѓани се многу исплашени. Се разбира, ако Русите со војници дојдат во нивниот стан и прашаат дали би сакале да гласаат за Путин, сите ќе речат: ОК, да. Затоа што секој сака да си го спаси животот. Но, тоа не значи дека нашите граѓани сакаат да го поддржат Путин“.
Еден жител на регионот Херсон -југоисточниот дел кој е окупиран од руските сили – опиша за Би-би-си како се организирало гласањето во неговото село.
„Проруските мештани ги посетуваат домаќинствата со гласачки кутии, придружувани од вооружени воени лица. Ако чукаат и никој не отвори, тие продолжуваат во соседната куќа. Тие не упаѓаат во куќите, туку ги посетуваат“, кажа локалниот жител и додаде: „Ова е смешно. Какви избори се тоа кога има двајца локални жители – едниот држи список со гласачи, а другиот гласачка кутија – и војник со автомат? Ова не е демократија. Тоа е комедија, хумористично шоу“.
Не е ненормално кога граѓаните соработуваат
Украина го отфрли гласањето како нелегитимна измама, а оние кои се вклучени во неговото организирање беа цел на напади.
На денот кога започна предвременото гласање во окупираните делови на регионот Херсон, на 27 февруари, имаше две експлозии во Нова Каховка: едната целеше на канцелариите на партијата Единствена Русија, а другата во близина на избирачко место. Потоа минатата недела главното разузнавање на Украина Дирекцијата соопшти дека локалната жена која и помагала на руската администрација во одржувањето на изборите била „ликвидирана“ во бомбашки напад со автомобил на 6-ти март во окупираниот град Бердјанск во регионот Запорижја.
Запрашан за тоа кој го извршил нападот, украинскиот гувернер на регионот Запорижја, Иван Федоров, за Би-Би-Си изјави:
„Некој го направи тоа. Некој што покажа голем отпор. Некои херои кои го прават тоа на привремено окупирани територии.
„Нашиот отпор покажува дека е ненормално кога нашите граѓани соработуваат со Русите. Некој не разбра. Затоа овој некој е убиен.“
На прашањето да разјасни дали луѓето зад нападот се поврзани со украинската држава, гувернерот Федоров додаде:
„Да, се разбира. Постои голема соработка помеѓу нашиот отпор внатре во привремено окупираните територии и нашите тајни служби.“
Жолтите ленти против лажните претседателски избори
Истовремено, украинското движење на отпорот е подготвено да им се спротивстави на окупаторите. Жолтите ленти и патриотските плакати се повеќе доминираат на улиците на привремено окупираните градови во областите Донецк и Луганск, како и на Крим, пишува ЦИВИЛ Медиа.
Движењето Жолта лента го создаде Boycott.Bot, каде што секој што живее под окупација може да научи за ефективни и безбедни начини како да ги отфрли лажните избори.
Активистите на движењето „Жолта лента“ секојдневно печатат летоци и ги ризикуваат сопствените животи за да го изразат својот граѓански став. Автономната Република Крим е против Путин, Симферопол е против Путин“, се вели во соопштението.
Лажните избори на окупираните територии како во времето на Сталин
Вклучувањето на Украинците од ПОТ на руските избори е уште еден чекор на окупаторот кон незаконско инкорпорирање на заземените територии на Украина во Русија, пишува ЦИВИЛ Медиа. Учеството на Украинците на руските избори нема никаква врска со изразување волја и е правно неважечки чин. Лицата кои учествуваат во организацијата и спроведувањето на нелегални избори на привремено окупираните територии, или јавно повикуваат да се одржат, ќе сносат одговорност во согласност со Кривичниот законик на Украина според членот за колаборационизам (член 111-1, дел 5 од Кривичниот законик на Украина).
Во исто време, сегашното украинско законодавство не предвидува кривична одговорност само за фактот на учество, вклучително и присилно учество, на таканаречените „избори“ што Русија ги подготвува на привремено окупираните територии на Украина.
Бојкотот на руските „избори“ на ПОТ е форма на отпор кон окупацијата што ја приближува победата на Украина. Во исто време, секој Украинец под окупација мора да го земе предвид степенот на личен ризик кога дејствува во спротивност на напаѓачите.
Во подготовките за таканаречените претседателски „избори“ на окупираните територии на Украина, нови единици на руските репресивни сили, слични на озлогласената НКВД како во времето на Сталин, беа распоредени во градовите, информираа од Националниот центар за отпор (НРЦ).
„Поточно, распоредување на полициски единици и засилени одреди на руската гарда се забележани на привремено окупираните територии. На руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) и е доделена севкупна контрола на овие единици. Примарната цел е да се потисне секоја подземна активност што може да ги наруши претстојните руски претседателски избори“, се вели во соопштението.
Вонредната и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија, Лариса Дир, во колумната „Избори под нишан“, специјално за ЦИВИЛ Медиа пишува дека е јасно дека одржувањето на таканаречените избори за претседател на рф на привремено окупираните територии на Украина е континуирано продолжување на кршењето на нормите и принципите на меѓународното право, особено на Повелбата на ОН, од страна на државата агресор која незаконски го зазема местото на постојана членка на Советот за безбедност на ОН.
Таа посочува дека под закана од репресии и тортури, државата агресор рф лови Украинци кои живеат на овие територии за да го собере нивниот „израз на волја“ во псевдоизборна кутиј, за да се оствари целта на руската пропаганда која веќе нацрта бројка од 80-90% на таканаречената поддршка од Украинците на привремено окупираните територии на кандидатот по кого Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење за нелегална депортација на украински деца.
Со оглед на Повелбата на ОН, Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, Женевската конвенција за заштита на цивилното население во време на војна, одлуката и активностите на рф за одржување на претседателски избори во привремено окупираните територии на Украина мора да бидат осудени; соодветно, претставниците на демократските држави не можат да учествуваат во набљудувањето на таканаречените избори за претседател на рф, нагласува украинската амбасадорка Дир.
Окупаторските сили треба да го завршат гласањето до 15 март, а овие гласачки ливчиња ќе бидат основа за фалсификување на излезноста. Путин сигурно ќе добие уште еден мандат, но високата излезност би помогнала во напорите на Кремљ да го легитимира неговото континуирано владеење, и исто така, ќе се користи за да се оправда руската инвазија врз Украина.
Путин е еден од четворицата кандидати на гласачкото ливче, но ниту еден од другите не претставува реален предизвик, туку само декор кој ќе „глуми“ демократска претседателска трка. Сите негови искрени критичари или биле принудени на егзил, затворени или умреле.
Драган Мишев
ПРОЧИТАЈТЕ И:
Активисти на окупираниот Крим ги бојкотираат руските лажни „претседателски избори“