Бродот „Open Arms“ со хуманитарна помош за Газа што вчера требаше да отплови од Кипар, сè уште е закотвен на пристаништето во Ларнака, а според кипарските медиуми, доцнењето се должи на технички причини, јави дописничката на МИА од Атина.
Според информациите на кипарската новинска агенција, причината е тоа што во Газа не е подготвена платформата на која ќе биде доставена хуманитарната помош, од околу 150 тони што вклучува и храна.
Првичниот план беше бродот да отплови вчера попладне, потоа беше одложено за претпладнево и се очекува во текот на денот за тргне кон Газа, а како што во саботата изјави претседателот на Кипар Никос Христодулидис од безбедносни причини не можат да го соопшти конкретното време кога ќе отплови бродот од Ларнака.
Во иницијативата „Амалтиа“ за поморски хуманитарен коридор за Газа се вклучени ЕК, Велика Британија, Германија, Грција, Италија, Кипар, Обединетите Арапски Емирати, САД и Холандија.
За хуманитарниот поморски коридор, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис денеска рече дека се во комуникација со сите инволвирани страни, а особено со Кипар и истакна дека „Грција го охрабрува овој коридор“
– Грција ќе ја обезбеди сета можна помош како во однос на пристаништата и инфраструктурата со кои располага, така и во однос на нејзината комерцијална флота. Приоритет на грчката надворешна политика беше и останува да може да се создадат оние услови, за да се ублажи големата хуманитарна криза, која во моментов драматично се развива на Блискиот Исток, истакна Герапетритис.