Списокот на лицата кои се корисници на помошта од 6.000 денари за купување домашни производи сè уште не е готов, но веќе нема место за паника дека ќе има малку време за трошење на овие пари.
Владата одлучи да дозволи оваа помош да се користи и по 25 овој месец, како што е предвидено со законот со кој се регулира оваа мерка од четвртиот владин антикризен сет.
-Тоа се пари на и за граѓаните на кои им е потребна поддршка и истите ќе може да се користат непречено веднаш после уплатата на сметка, информираат од Владата.
Купувањето македонски производи и услуги со стоте евра што на трансакциските сметки на граѓаните ќе ги префрли државата до 25 овој месец сега останува само препорака. Се појаснува дека целта е до крајот на годинава да се инјектираат и ликвидни средства во стопанството за кус период, да се купуваат македонски производи и на тој начин да се дејствува врз раздвижување на економската активност.
Од Владата се правдаат дека опструкциите на опозицијата при донесувањето на Законот во Собранието ги поместиле роковите за реализирање на оваа мерка.
-Доколку не беа опструкциите и блокадите во Собранието од страна на опозицијата за навремена реализација на четвртиот пакет економски мерки, граѓаните ќе беа во можност своите средства да ги користат доста порано, а со тоа и економската активност во државата ќе се подобреше порано, велат од Владата.
Премиерот Зоран Заев, пак, информира дека е направено олеснување и кај приемот на овие пари. Тој појасни дека граѓаните нема да мораат да отвораат нови трансакциски сметки, туку државата ќе ги исплати парите кон банките, по што тие ќе ги префрлат на нивните постоечки трансакциски сметки. Со законот е предвидено да се изберат неколку банки преку кои ќе се дистрибуираат парите, па граѓаните кои немаат сметки во нив, ќе мораат да ги отворат. Со прескокнување на оваа процедура се овозможува и поскоро легнување на парите на сметките.
-Заради тоа што сакаме да водиме грижа за сите и да не се создаваат собирања пред банките, одлуката ја донесовме да се исплати помошта на трансакциските сметки на сите категории што спаѓаат во оваа мерка. Државата ја прави исплатата кон банките, а на корисниците ќе им биде исплатена на нивната трансакциска сметка, рече премиерот додавајќи дека не е целта тие да отвораат нова сметка во некоја друга банка.
Со четвртиот пакет антикризни мерки се предвидува финансиска помош од по 6.000 денари на граѓани со низок доход, самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, невработен кои се пасивни баратели на работа, самостојните уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, деца без родители и родителска грижа…
Кој точно ќе ја добие помошта треба да се знае до крајот на неделава, за кога е најавено дека Управата за јавни приходи ќе го достави пречистениот список до Генералниот секретаријат на Владата, по што тој ќе се објави на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk.
Се очекува дека мерката ќе опфати 300 илјади граѓани на чии трансакциски сметки ќе бидат префрлени 27,5 милиони евра.
(С.В.)